ДОМА | ЗА НАС | МАРКЕТИНГ | КОНТАКТ

nov


 


 

 

 




Афери
Оснабрик ја „емитирал“ прилепска Победа ...!!!
 
 

Многумина луѓе во Македонија, посебно прилепчани, сигурно ќе останат „неми како риби“ откако ќе ја прочитаа веста во која германскиот тим Оснабрик се обвинува за местење на фудбалски натпревари. Асоцијацијата со нашиот клуб Победа (Прилеп) е очигледна и без дилема: Оснабрик ја емитирал Победа т.е. нашите не учеле да местат од нивните ...!!!???

Конкретно, по налог на УЕФА и во соработка со нејзините органи, германската полиција во координација со полициските органи во Велика Британија, Швајцарија и Австрија, уапсија 15-на лица кои се директно осомничени за местење на фудбалски натпревари во интерес на обложувалниците.

Интересно е што во овој случај истражните органи за првпат излегоа и со конкретни имиња, и тоа Томас Цишон и Томас Рајшенберг, поранешни фудбалери на третолигашот Оснабрик. Еден од двајцата фудбалери на кои им излегоа имињата во јавност, Томас Цишон не сакаше да ја коментира веста. Тој останува изолиран во Јужна Африка каде ги минува последните години од активната фудбалска кариера. Веста, сепак, ја потврди Рајшенберг кој се уште е во екипата на Оснабрик.

- Мојот тренерот ме информира дека сум меѓу осомничените. Меѓутоа, од клубот дојде наредба да не се даваат никакви конкретни изјави. Не смеам да кажам ништо бидејќи полицијата работи на овој случај, беше кус Рајшенберг.

Во германската јавност се шпекулира дека истражните органи го товарат овој играч за земање мито од 25.000 евра, сума за која го наместил поразот на својата екипа од Нирнберг. Работата се случила минатата сезона кога Нирнберг се бореше и успеа да се врати во Бундес лигата, а Оснабрик испадна во Третата лига на Германија.

Заедничката акција на полицијата од повеќе соседни држави доаѓа како одговор на европската фудбалска централа (УЕФА), која со сопствена истрага дојде до сознание на околу 200 сомнителни натпревари кои се под нејзина јурисдикција.

Според полициските извештаи од Германија, од каде што тргна истрагата поддржана од системот за детекција против злоупотреба на обложувањето на УЕФА, беше посочено дека во истрагата се инволвирани три натпревари на Лигата на шампионите, 12 натпревари на Лигата на Европа (новоформирана како фузија на Купот на УЕФА и Интер тото купот – з.а.). Сите овие натпревари се од фазата на квалификациите за пласман во групите на овие две натпреварувања.

Покрај ова, под истрага се и поголем број средби во различни рангови на натпреварување (Прва, Втора, Трета лига) во: Германија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, БиХ, Турција, Унгарија и Австрија.

УЕФА извести дека под истрага се и неколку натпревари од натпреварите на помладите категории (под 21 година, под 19, под 17) за кои, пак, не е потенцирано дали се работи за натпревари од квалификационен карактер или, пак, за натпревари во рамките на самите финални турнири кои ги организира УЕФА.

Според информација објавена од новинарите на „Би-би-си“, официјални лица кои се вклучени во истрагата посочиле дека најавените 40 натпревари, што УЕФА ги посочува како сомнителни, се дел од досега најголемиот скандал во историјата на УЕФА.

Врз база на собраните докази, обвинителите веруваат дека криминални групи потплаќале фудбалери, тренери, судии и официјални лица за да се лажираат одредени натпревари, а тие самите се обложуваат ставајќи пооглеми финансиски средства токму на тие натпревари во повеќе обложувачници.

Ова е нов голем случај со лажирањата во фудбалот. Од минатото остануваат запишани случаевите од 2006 година и аферата „Калчополи“, по која беа казнети гигантите како: Јувентус, Милан, Лацио и Фиорентина. Во категоријата на скандал спаѓа и случајот со германскиот судија Роберт Хојцер (сторен во 2005 година) кога беа уапсени членови на криминални банди кои потплаќале за местење на фудбалски натпревари.

За потсетување:
Случајот со местењето Победа-Пјуник датира од 2004 година. Во врска со него, органите на УЕФА ја казнија Победа со осум години забрана за настап во европските купови, а нејзиниот тогашен претседател Александар Ацуле Забрачанец и капитенот на Победа на тој натпревар, Николче Здравевски, се казнети со доживотна забрана на вршење било каква дејност во фудбалот.

Назад 

Креиран од dudi на 24.11.2009