|
Селекторот на Италија, Марчело Липи, кој ги донесе "азурите" до нивната четврта светска титула на Светското фудбалско првенство Германија 2006 година, изјави дека негови фаворити за трофејот на претстојниот „мондијал“ во Јужан Африка се Бразил и европскиот првак Шпанија.
- Кој е главен фаворит за трофејот? Бразил, се разбира. Бразилците се фаворити, секогаш. Тоа не се менува никогаш. Втора репрезентација со најголеми шанси да ја освои титулата е Шпанија. До „мондијалот“, сепак, има време, во кое треба да работиме многу и да ни се случат вистинските работи, - изјави Липи.
Италијанскиот селектор призна дека веќе е на чисто со 17 од неговите избраници за одбрана на титулата на СП Јужна Африка 2010.
- Веќе сум на чисто со дел од селекцијата, што ќе ја направам за Светското првенство по неколку месеци. Сигурни на мојот список се 16-17 играчи. Другите шест места ќе ги заземат момчињата кои ќе ги заслужат тие места со својата игра во оваа сезона. Кандрева може да игра на местото на Симоне Перота, а Маркизио ми е фаворит за едното крило, - додаде трофејниот тренер.
|