|
Последните официјални бројки за продажбата на билетите за Светското првенство во Јужна Африка 2010 не се импресивни. Останаа уште помаку од 5 месеци до почетокот на „мондијалот“, а една третина од влезниците се уште се наоѓа на билетарите.
Според медиумите кои ги третираат сите детали околу случувањата во Јужна Африка во пресрет на Светското првенство, особено според медиумите во Германија и Англија, виновник за тоа е високото ниво на криминал во Јужна Африка, нападите и убиствата на улиците.
Ваквата состојба не ги остава рамнодушни одговорните во ФИФА, па оттаму и реакцијата на секретарот на ФИФА, Џером Валке да одржи прес-конференција посветена токму на овој проблем.
„Тажно е, бидејќи секое утро во медимуите читам вести кои им вршат притисок на луѓето кои сакаат да дојдат во Јужна Африка и да гледаат фудбал. Медиумите советуваат дека не треба да се патува во Јужна Африка, дека е опасна и луда земја, дека претседателот на ФИФА, Сер Блатер донел погрешна одлука кога и ја доделил организацијата на „мондијалот“ на Јужна Африка ...Тоа едноставно не е фер. И затоа апелирам: Дајте и шанса на Јужна Африка да го организира „мондијалот“, како што имаа шанси и другите држави. Не убивајте го Светското првенство уште пред да почне. Не им велете на луѓето да не патуваат во Јужна Африка“, - изјави Џером Валке.
Секретарот на ФИФА, посебно беше лут на медиумите во Германија и Англија, бидејќи тие биле најкритички настроени.
„За разлика од другите земји - учеснички на „мондијалот“ како што се Франција, Италија, Шпанија, Холандија и другите, со најмногу дезинформации за безбедноста во Јужна Африка излегуваат медиумите во Германија и Англија. Тие се фудбалски веле-сили, имаат влијание кон љубителите на фудбалот и затоа мислам дека треба да ги преиспитаат своите постапки“, - револтиран е Џером Валке.
Наспроти изјавата на секретарот на ФИФА, медиумите ја пренесоа и изјавата на портпаролот на окружниот јавен обвинител на Јоханесбург:
„Ако ние не можевме да ги заштитиме малиот број на туристи во сезоната на одмори, како можеме да се надеваме дека би можеле да ги заштитиме стотиците илјади луѓе кои би ја посетиле Јужна Африка за време на Светското првенство во 2010“.
Будно следејќи што се случува во Јужна Африка, особено на полето на безбедноста, се огласи и Владата на САД која ги посоветува сите заинтересирани што сакаат да патуваат во Јужна Африка.
„Иако голем дел од посетителите го завршуваат своето патување во Јужна Африка без инциденти, сите што сакаат да ја посетат оваа Република во иднина треба да бидат свесни дека криминалот е секојдневие на улиците, редовно има насилство, кражби и убиства и затоа бидете внимателни“, се вели во соопштението на Стејт Департментот.
Најновите информации на ФИФА велат дека досега се продадени два од вкупно три милиони влезници за Светското првенство.
Досега најголема побарувачка има од САД каде се продадени 50.217 влезници, а по неа е Австралија со 15.523 продадени влезници.
|