ДОМА | ЗА НАС | МАРКЕТИНГ | КОНТАКТ

nov


 


 

 

 




Пишувајќи се потсеќа
Кој е копаничарот на Горан Пандев?
 
 

Пишувајќи се потсеќа: Мијалче Дургутов

(29.01.2010). –
Ме утепаа комшиите. Де во Скопје, де во Штип. Зошто на вашиот портал немате ништо за Горан Пандев? Абе, Мијалчо, ти гледаш ли италијански фудбал – беше најостриот коментар на еден бербер.

Дефинитивно ја загубив војната со братучет ми Ѓорѓи Дургутов-Џоле. Девет години му тврдам дека Дарко Панчев се уште е подобар фудбалер од Горан Пандев. Што кавга направивме за фудбалот, односно за паралелата Панчев-Пандев, околу таа расправа (не дај Боже) ќе се растуреше и кланот Дургутови.

Го „запали“ Милано: Горан ПандевНеделното попладне, 24-иот ден од јануари, ја спаси ситуацијата. Горан Пандев го запали Милано, го разбуди македонскиот народ, ги полуди моите комшии и во Скопје и во Штип, ги наполни македонските весници, ги отвори ТВ екраните, и сите велеа и коментираа: Браво Пандев!

Никој жив, барем од мојата околина, не се запраша – кој го „изделка“ ова фудбалско дете? Чиј производ е Горан Пандев? Од каде излезе чудото од фудбалер што го воскресна македонскиот (фудбалски) народ? И сега, додека го читате ова, ќе речете – од ФК Беласица! Од Струмица! Од Македонија!

Сето тоа е точно. Штосот е во нешто друго ...

Беше еднаш турнирот во Виареџо, февруари 2001 година, кога Горан Пандев имаше само 17 години. На факсот на Дневниот спортски весник „СКОК“, стигна покана од ФК Беласица, не канеа да бидеме нивни гости на Меѓународниот фудбалски турнир „Виареџо 2001“.

Беласица Герас Цунев играше првпат на овој традиционален турнир. Информациите велеа дека на турнирот ќе играат млади фудбалери од Јужна Америка. Искрено, тоа беше директниот повод да се качам во автобусот на „Руле – турс“ и заедно со сегашниот наш јунак да „утепаме“ илјада и кусур километри до хотелот „Perla del Mare“ во Виареџо.

Ванчо Таковски - Бате Ване направи успешен трансфер на Горан ПандевПатувањето беше забавно во друштво со Илија Матеничаров (тренер), Јуре Говорко (физиотерапевт), голобрадите фудбалерчиња Роберт Попов, Аце Стојков, Данчо Масев, Балдовалиев, Александар Стојанов ...

Со цимерот Васко Арсовски (еден од газдите на „Македонски спорт“) известувавме од турнирот. Јас пишував, тој диктираше во касетофон, Бате Ване се чудеше што е работава!? (Бате Ване е Ванчо Таковски – тогашен претседател на ФК Беласица Герас Цунев).

За среќа, празникот „Свети Трифун“, Денот на пијаниците или на вљубените, како милувате, се погоди да го чекаме таа година во Виареџо. Не знам дали беше истиот ден, ден претходно или ден потоа, но знам дека со пакетот црно вино, спонзорство од „Будла – комерц“, беше реализиран трансферот на Горан Пандев во Интер.

Под топлината на плинската ламба во „Perla del Mare “, црномурестиот италијански менаџер преговараше со Бате Ване. Како што ме дал Господ, се приближив до масата, а Бате Ване малку налутен од објавениот наслов во „СКОК“ каде го опишав како „струмички шарпланинец“ (се расправаше со судиите како шарпланинец со овци), дискретно, колку да не ме одбие, ме покани на масата.

Не знам што зборуваа тие двајцата, оти во тој момент и самиот не бев свесен дека во прашање е најголемата зделка што ќе донесе солзи радосници на македонскиот народ по девет години. Бате Ване го продаде Горан Пандев на Интер, во пакет со Аце Стојков. Парите што ги доби Беласица никогаш не ги дознав. Мислам дека никој не ги знае ни ден–денес!?

Се сеќавам како утредента на тренингот, тренерот Илија Матеничаров ме убедуваше дека во тој состав на Беласица има и подобри фудбалери од Пандев, иако и самиот тврдеше дека „Гоки“ е Соиграчите во Интер го прифатија на „голема врата“: Пандев (средина)лидер на таа генерација. Сакам да кажам, дека Матеничаров е „копаничар“ на „струмичкото фудбалско дрво“, што се вика – Горан Пандев!

Приказната за копаничарството е долга и ќе ја напишеме во друга прилика. Сега, остануваат сите почести за нашата фудбалска икона. Горан Пандев, со неполни 27 години влезе во легендите на македонскиот фудбал. Според славата и љубовта на македонскиот фудбалски народ кон него е лидер. Со полно право Горан Пандев го заслужи тоа. Неговата фудбалска резба излезена од рацете на Илија Матеничаров е од непроценливо значење. Пандев е новиот идол на младата генерација. И, тоа е многу добро. Убаво.

Според резултатите што досега ги има постигнато Горан Пандев, гледано низ суровите бројки, нашата нова спортска легенда (се уште) има мотив да го престигне Дарко Панчев. Посакувам, од се срце, да стане првак на Италија, да го освои „калчото“ со Интер, а со Мурињо да стигне и до титулата шампион на Европа. Горан Пандев тоа го може, и треба да го направи.

Според парите добиени од досегашните трансфери, на Горан Пандев конкуренција му прават: Драган Мутибариќ (Шалке 04), Саша Ќириќ (Нирнберг), Хусеин Јуда Рамаданов (Бешикташ), Бобан Бабунски (Шпанија и Јапонија), Дарко Панчев (Интер), Илија Најдоски (Шпанија и Турција) ...

Оваа тема многумина не ја разбираат, но и за тоа - потоа ... Во друга прилика.

Назад 

Креиран од dudi на 11.02.2010