|
Христијан Дургутов
(16.02.2010).-По зимското (долго) чекање, конечно, продолжија возбудувањата од Лигата на шампионите. Ждрепката одлучи во 1/8 финалето да се сретнат големите гиганти на европскиот фудбал: Милан и Манчестер Јунајтед. Два клуба кои заедно тежат 10 титули.
Првиот натпревар меѓу великаните се одигра во Милано на преполниот стадион „Сан Сиро“. И двете екипи настапија со најдобрите состави (единствено кај Манчестер го немаше Видиќ кој е од поодамна повреден). Понесен од фуриозната атмосфера што ја направија неговите навивачи, Милан прв постигна гол.
По едно од многуте карактеристични нафрлања на Бекам кои ги гледавме додека играше за Манчестер Јунајтед, итриот Роналдињо натрча на претходно исфрлената топка од Евра и, непречен од никого, шутираше кон голот на Ван дер Сар. Тоа немаше да претставува проблем за голманот на Јунајтед ако на патот гон голот топката не го погодеше Керик и не ја сменеше насоката. Гол!!! Милан поведе со 1-0. Ерупција на трибините.
Тоа беше почеток што само можеа да си го замислат фановите на Милан.
На другата страна, шок кај фудбалерите на Алекс Фергусон.
Сите претходно планирани тактики паднаа во вода. По примениот гол во третата минута, Милан ја имаше повторно топката во свои нозе.
Се одеше така до 15. минута кога Манчестер ја превзема иницијативата и почна да ја гради играта на свој познат стил. Со кратки додавања и освојување на средината. Тоа резултираше со гол на Пол Сколс (36 минута). По изведениот корнер на Нани, стрелецот Сколс се најде во 16-от пред Дида, се обиде да ја зафати топката од волеј удар со десната нога. Ја промаши, но за негова среќа топката сосем случајно удри во неговата лева нога и, неочекувано, заврши зад грбот на голманот Дида. Тоа беше конечниот резултат на полувремето.
Второто полувреме, „бебињата“ го почнаа поконцетрирано. Ја имаа топката во свој посед, напаѓаа, создаваа шанси. Од играта на Милан во првото полувреме, да не речеме онаа во првите 10-15 минути, немаше никаква трага!? Средината на Милан се изгуби во сивилото. Освен Роналдињо другите делуваа немотивирано, слабо, очајна, инфериорно.
Фергусон направи добар потег со внесувањето во игра на Валенсија на местото на Нани, кој патем речено ништо не изигра. Тоа допринесе за брзина во нападот на Манчестер по левата страна. Токму по нафрлањето на Валенсија, мистер Вејн Руни добро се снајде во петерецот и со лоб удар со глава погоди за 1-2. Разочарување за фановите на Милан. Тишина на „Сан Сиро“.
Манчестер Јунајтед продолжи со истата игра и по едно нафрлање на Флечер, повторно Вејн Руни, и повторно со удар глава, стрелаше прецизно за 1-3. Резултат за речиси сигурен пласман на Манчестер Јунајтед во следната нокаут рунда.
Но, за да не биде се така лесно во реваншот се погрижи Кларенс Сидорф. Асистенцијата на Роналдињо, неговото прекрасно додавање во срцето на 16-от кон Сидорф, ефектурираше со уште поубава реализација - гол со петица. Браво Сидорф! Ван де Сар беше немоќен.
До крајот немаше голови. Манчестер победи со 3-2 и обезбеди капитална предност пред реваншот (10 март). Интересно е што со трите постигнати голови Манчестер Јунајтед ја урна непријатната традиција која бележеше дека тие немаа постигнато гол на последните четири натпревари на „Сан Сиро“.
|